Маргот Роби е Харли Квин во Suicide Squad

Маргот Роби е Харли Квин во Suicide Squad

Пред неколку недели објавивме дека познати Холивудски ѕвезди се во преговори да глумат во престојната филмска адаптација на Suicide Squad, еден од проектите на филмскиот универзум на DC Comics и Warner Brothers. Денеска ја имаме и првата официјална вест кога станува збор за кастингот. Актерката Маргот Роби (која се прослави со улогата во The Wolf of Wall Street) ќе ја глуми Харли Квин, која во стриповите е девојка на еден од најпознатите негативци, Џокер.

Кога веќе го споменавме “принцот-кловн на криманалот”, неколку филмски сајтови објавија дека и тој ќе се појави во филмот, а дека актерот Џаред Лето е во финални преговори за оваа улога. Доколку прифати, Лето ќе има тешка задача бидејќи неговото портретирање на овој карактер ќе биде споредувано со фантастичната интерпретација на Хит Леџер во The Dark Knight. Се уште чекаме официјално соопштение.

Suicide Squad прати група на анти-херои кои добиваат втора шанса, со тоа што се најмени од владата на САД за самоубиствена мисија. Стрипот првпат се појави во 1959 година.

Дејвид Аер (Street Kings, End of Watch, Fury) веќе прифати да биде режисер, а Вил Смит, Рајан Гослинг и Том Харди се споменуваат како кандидати да глумат во проектот. Премиерата е закажана за 5-ти август, 2016 година.

Објавено од admin на 10 November 2014, 10:51