Пол Џиамати ќе го глуми Rhino во The Amazing Spider-Man 2

Пол Џиамати ќе го глуми Rhino во The Amazing Spider-Man 2

По се изгледа дека продолжението на The Amazing Spider-Man на Марк Веб ќе добие уште еден негативец. The Hollywood Reporter пренесува дека актерот Пол Џиамати е во преговори да го глуми негативецот Rhino, во филмот кој треба да излезе на 2-ри мај, 2014 година. Друга актерка за која се дозна дека ќе ја видиме во вториот дел е Фелисити Џонс, но засега не е позната нејзината улога.

Алексеј Михајлович Сицевич, или повеќе познат како Rhino, за прв пат се појавува во 41-от број на “The Amazing Spider-Man” од 1966 година. Тој е локален силеџија, кој после научен експеримент, добива скоро неуништива полимерска кожа, правејќи го несопирлив.

Џиамати, минатата година го гледавме во неколку интересни проекти како Rock of Ages, Cosmopolis и John Dies at the End,  додека Џонс е позната по нејзините улоги во The Tempest и Like Crazy. Другите глумци кои веќе се дел од екипата за продолжението се Ендру Гарфилд, Ема Стоун, Џејми Фокс (ќе го глуми негативецот Electro), Шајлин Вудли, Дејн Дехаан и Мартин Шин.

За режијата на вториот дел, повторно се враќа Марк Веб, додека сценариото ќе го пишуваат Џек Финкнер, Алекс Куртсман и Роберто Орки.

Објавено од admin на 29 January 2013, 09:45