“LYNX” – Првото амбициозно и комплетно авторско студио за анимација во Македонија

“LYNX” – Првото амбициозно и комплетно авторско студио за анимација во Македонија

Многу е забавно да доаѓате на работа и главниот проблем да биде “Каква боја треба да биде оганот на змејот и колку високо треба да оди?” – Марко Угарковиќ, генерален директор на Lynx Animation Studio.

Живот на креативност и колорит наспроти монохроматизмот на секојдневието. Денес 31 август, 12:00 часот е моментот кога и официјално во Скопје започна со работа Lynx Animation Studio, чиј тим низ искрени обиди ќе ни го прецрта светот во кој живееме.

Накратко, Линкс е студио кое се занимава со продукција на висококвалитетна 2D анимација и видео игри, развој на оригинални идеи и трансмедијални проекти. Преплетувајки ги своите креации низ различни медиуми, на наше задоволство студиото има примарна амбиција и остра визија да создаде препознатливи брендови и да понуди забава и дружење за сите генерации пласирајки и на јавноста успешни филмови и телевизиски серијали кои ќе бидат резултат на заедничкиот и кохезивен труд од 20-тина врвни и екстремно талентирани професионалци со долгогодишно искуство зад себе од областа на филмот, анимацијата, музиката и уметноста воопшто, темелот од кој започна и врз кој допрва ке се воздигнува Линкс, новата светла точка на македонската уметничка сцена.

Со неизмерлив ентузијазам, многу проекти во подготвителни фази и еден речиси финализиран кој е работен по сценарио на Гоце Цветановски и арт дизајнот на Михајло Димитриевски, попознат на македонската и светската јавност како Тхе Мичо, Линкс полетува кон исполнување на своите амбиции и професионалната експанзија.

Филм24 имаше ретка шанса да добие ексклузивно интервју со Марко Угарковиќ, генералниот директор на студиото пред истото официјално да отпочне со работа кој се согласи во име на Линкс да ни одговори на неколку прашања и ни понуди нешто повеќе за нивната идеја и визија:

1. Како дојдовте до идејата за отпочнување на ваков амбициозен проект, зошто студио за анимација и зошто се одлучивте за 2D?

Идејата дојде по еден состанок што го имавме со (сега веќе) колегата Алан Гонзалез, кој ми пристапи со иницијатива да создадеме нешто креативно тука. Првично идејата беше за формирање на 3D студио, но откако истраживме за пазарот, условите за работа и генерално за тоа поле, се консултиравме со сегашниот колега Гоце Цветановски. Гоце е тој кој не сврте кон 2D анимација, како поле што многу не е користено во Македонија. Тој има работено неколку проекти во оваа техника претходно и како активен член на македонската стрип сцена ги најде луѓето кои ни овозможија да формираме наш уникатен стил и препознатливост.

2. Дали работите моментално на повеќе проекти истовремено и дали некој од нив ке можеме да видиме наскоро?

Да, развиваме неколку проекти истовремено за кои ќе треба малку да се почека, како и неколку видео игри, кои ќе излезат на пазарот при крајот на октомври.

John Vardar

Арт дизајн – Михајло Димитриевски (Тхе Мичо)

3. Што ве мотивира?

Мотивацијата како тим ја наоѓаме во слободата на идеите. Ние сме група на креативци кои живеат работејќи го тоа што го сакаат. Многу е забавно да доаѓате на работа и главниот проблем да биде “Каква боја треба да биде оганот на змејот и колку високо треба да оди?”

4. Која е предноста на долгометражната анимација во однос на кратката кога станува збор за пренесување приказна и евентуалната порака низ неа?

Двата формати си имаат свои предности, и ако добро се користат приказни се пронаоѓаат во нив без разлика на тоа дали се долгометражни или краткометражни. Главната предност кај долгометражните, според мене е можноста да се развијат карактерите и ситуациите подобро, а со тоа и да се збогати уживањето на гледачот и да се почусвтува како навистина да навлегува во еден друг универзум кој го дели со тие карактери.

5. Дали при создавањето на вашите дела ќе имате таргет група или тоа ке зависи од проект до проект?

Таргет групата е целосно зависна од проектот кој се развива. Во моментов развиваме неколку проекти чии таргет групи се движат од 3 до 15 годишна возраст, како и за возрасните, така да тешко е генерално да се прецизира таа информација без да се посочи специфичен проект.

 6.Која е вашата долгорочна цел и идеја за компанијата и по што сакате да станете претпознатливи пред јавноста?

Долгорочната цел на Lynx е да развиваме наши идеи и карактери. Сакаме да покажеме дека има квалитет, креативност и одлични идеи тука, а таа порака ќе важи како и за нашата територија, така и за интернационалното поле.

Со ова прашање заврши нашиот разговор со Марко, а со верба во потенцијалот на македонскиот талент и со стремеж кон остварување на меѓународни копродукции, како во странство, така и со развивање на таа соработка тука кај нас, Линкс ја започнува својата авантура во која освен со примарно комерцијалните активности истовремено ќе се залага да биде активен учесник во модернизирањето на македонското општество преку соработка со други компании и невладиниот сектор, а со продукцијата на кратки анимации и да посочи на конкретните модерни проблеми на нашето опкружување, изјави Алан Гонзалес, маркетинг директорот на студиото.

Доколку сакате информација повеќе, да се запознаете со нивниот тим и нивните проекти, следете не нас или слободно посетете го директно сајтот на Линкс

Објавено од Мартин Чалакоски на 31 August 2015, 11:30