Летна филмска сезона 2013 – Најголемите изненадувања

Летна филмска сезона 2013 – Најголемите изненадувања

По постовите со Најголемите победници и Солидните хитови продолжуваме со третиот дел од прегледот на оваа летна филмска сезона, каде ќе ви ги претставиме најголемите изненадувања кои се појавија во кино салите ова лето.

Најголеми изненадувања:

The Conjuring – најголемото филмско изненадување ова лето. Филм кој не беше продолжение или базиран на стрип, имаше премиера во необичен период за хорор жанрот (крај на јули) и доби одлични рецензии како од критиката, така и од публиката. Џејмс Ван – режисерот на успешните хорори Saw и Insidious, и претстојниот Fast & Furious 7 – уште еднаш ни претстави страшен, напнат и мрачен хорор, кој стана еден од најпрофитабилните хитови ова лето.

The Conjuring имаше буџет од 20 милиони долари, а само во САД заработи над 120 милиони. Филмот ќе добие и продолжение.

Now You See Me – уште еден филм кој се појави ова лето, а кој ќе добие продолжение. Kрими трилерот со магионичари на Луис Летериер заработи солидни 250 милиони долари, со буџет од 78 милиони. Иако критикуван поради пропустите во приказната, сепак, станува збор за забавен и свеж филм, со квалитетна актерска екипа.

The Purge – коцката на Universal која се исплати. Студиото ја закажа премиерата на овој трилер со рејтинг “R” и интригантна премиса, во период кога традиционалните блокбастери владеат со кино салите – почеток на јуни. Резултатот – The Purge го освои првото место во викендот кога се појави (34 милиони) и на крајот заработи над 80 милиони. Кога ќе го погледнеме буџетот на филмот (3 милиони), може да констатираме дека Universal е и повеќе од задоволен.

The Heat – дали знаете кој е најбараниот режисер на комедии во Холивуд? Одговорот би бил Пол Фиг, креаторот на Freak & Geeks и режисер на хитот Bridesmaids. Неговиот последен проект, The Heat заработи над 200 милиони долари. Комедијата со Сандра Булок и Мелиса Мекарти ја освои публиката и критичарите, и во лето во кое имаше многу филмски разочарувања, The Heat успеа позитивно да изненади.

Објавено од admin на 12 September 2013, 12:14