Летна Филмска Сезона 2013 – Најголемите разочарувања

Летна Филмска Сезона 2013 – Најголемите разочарувања

Ви ги претставивме најголемите победници, солидните хитови и најголемите изненадувања, а прегледот на летната филмска сезона го завршуваме со најголемите разочарувања.

Најголемите разочарувања:

The Lone Ranger – филм кој имаше огромен буџет од над 225 милиони долари, односно 375 доколку ги сметате трошоците за дистрибуција и маркетинг, а заработи “скромни” 240 милиони. Досега загарантираната формула за успех – Џони Деп глуми чуден лик, Гор Вербински е режисерот, а Џери Брукхајмер е продуцент – која толку добро функционира кај Pirates of the Caribbean франшизата, овојпат потфрли. Не помогна ни фактот што The Lone Ranger започна со прикажување во истиот викенд со Despicable Me 2, веројатно најгледаниот анимиран филм оваа година.

R.I.P.D. – зборот катастрофа е многу често користен во филмската индустрија. Меѓутоа, кога зборуваме за R.I.P.D., навистина е тешко да се смисли друг посоодветен збор. Оваа научно фантастична комедија со Рајан Рејнолдс и Џеф Броџис во главните улоги имаше буџет од 130 милиони долари, а на крајот заработи 30 милиони во САД. Критиката исто така го “уништи” филмот прогласувајќи го за најголемото разочарување ова лето.

After Earth – многумина ја сметаат оваа научно фантастична авантура за разочарување, меѓутоа, на крајот, последниот филм на некогаш одличниот режисер, М. Најт Шиамалан, најверојатно ќе оствари профит за студиото Sony. Филмот заработи само 60 милиони долари во САД, но неговата заработка во останатите земји е 180 милиони, па кога ќе го земеме предвид буџетот од 130 милиони, After Earth и не помина така лошо.

White House Down – е уште едно разочарување за Sony. За ова има две причини. Првата е Olympus Has Fallen, филм кој се појави во март и кој обработуваше слична/иста тематика – терористи ја преземаат Белата Куќа. Втората причина е големиот буџет од 150 милиони долари (без трошоци за дистрибуција и маркетинг). За “успехот” на филмот не помогнаа и големите Холивудски ѕвезди, Ченинг Татум и Џејми Фокс, како и познатиот режисер Роланд Емерих, кој има огромно искуство со експлозии, уништувања и катастрофи (2012, The Day After Tomorrow, Independence Day).

The Hangover III – веројатно најлошиот филм ова лето. Третото продолжение на The Hangover е досаден и незабавен филм, кој стави крај на забавна франшиза. Доказ за ова е заработката. Во САД, филмот не заработи ниту една половина од сумата на вториот дел, а кога станува збор за останатиот дел на светот – дури 200 милиони помалку.

The Internship – кога станува збор за комедиите, Холивуд оваа година научни важна лекција – филмови кои во суштина се двочасовни реклами за еден продукт (Google во овој случај) и немаат хумор, се лоша идеја. По одличниот Wedding Crashers, Винс Вон и Овен Вилсон повторно се обединија за нова комедија, меѓутоа, овојпат резултатот беше разочарувачки.

Објавено од admin на 19 September 2013, 11:49