Најголемите изненадувања од номинациите за Оскар

Најголемите изненадувања од номинациите за Оскар

Вчера попладне беа објавени номинациите за 86-тите Оскари, кои ќе бидат доделени на 2-ри март во Долби Театарот, во Лос Анџелес. Најмногу номинации имаат American Hustle и Gravity, а комплетната листа на номинирани можете да ја најдете тука. Додека најголем дел од фаворитите добија номинации, сепак Академијата за Филмска Уметност (како и секоја година) ни приреди и неколку изненадувања.

Подолу ќе најдете листа на седумте најголеми изненадувања (позитивни и негативни) од вчерашното објавување:

Том Хенкс не доби номинација за најдобра машка улога – се знаеше дека оваа категорија е една од најконкурентните, меѓутоа, миленикот на Академијата, Том Хенкс, беше речиси сигурен за номинација за неговата улога во Captain Phillips. Тој не е единствениот кој треба да жали – Оскар Ајзакс (Inside Llewyn Davis), Роберт Редфорд (All is Lost) и Хоакин Феникс (Her) – исто така не добија номинации за одличните улоги. Изгледа дека Леонардо ДиКаприо излезе најголемиот добитник од ова изоставување на Хенкс.

Ема Томпсон не доби номинација за најдобра женска улога – Покрај Ејми Адамс, Ема Томпсон беше главната фаворитка за Оскарот за најдобра женска улога. Но на крајот, таа, за разлика од Адамс, не доби ниту номинација за нејзиното портретирање на познатата писателка Мери Попинс во Saving Mr. Banks. Нејзиното место го “пополни” Мерил Стрип (August: Osage Country).

Philomena доби номинација за најдобар филм – сите веруваа дека познатиот продуцент Харви Вајнштајн оваа година конечно нема да има филм кој е номиниран во главната категорија, односно дека неговиот главен фаворит The Butler нема да биде номиниран во главните категории. Тоа се испостави како вистина. The Butler не доби ниту една номинација. Меѓутоа, еден друг филм кој имаше многу помали шанси доби номинација за Оскар за најдобар филм – драмата Philomena. За овој филм Џуди Денч има номинација за најдобра женска улога.

Dallas Buyers Club има номинации во многу категории – номинациите за најдобар филм, актер и спореден актер беа сигурна работа, но за оригинално сценарио, монтажа и шминка беа изненадување. Според обложувалниците, Џаред Лето е главниот фаворит за Оскар за најдобра споредна машка улога.

Опра Винфри и Скарлет Јохансон не добија номинации за споредна женска улога – уште една неизвесна категорија исполнета со силни кандидати. Сали Хокинс (Blue Jasmine), Лупита Нионго (12 Years a Slave) и Џенифер Лоренс (American Hustle) имаа најголеми шанси да бидат номинирани. Битката за преостанатите две места требаше да се води помеѓу четири актерки: Џулија Робертс (August: Osage Country), Џун Сквиб (Nebraska), Опра Винфри (The Butler) и Скарлет Јохансон (Her). На крајот, првите две добија номинации, додека мега-ѕвездите Џинфри и Јохансон беа заборавени од Академијата.

Дејвид О. Расел е првиот режисер чии два филма се номинирани во сите категории за актери и актерки – во овој момент, не можеме да негираме дека режисерот Дејвид О. Расел е новиот миленик на Академијата. Откако Silver Linings Playbook минатата година доби четири номинации во категориите за актери и актерки (Бредли Купер, Џенифер Лоренс, Роберт Де Ниро, Џеки Вивер), истото се случи и оваа година за American Hustle. Номинирани се Кристијан Бејл, Бредли Купер, Ејми Адамс и Џенифер Лоренс.

Stories We Tell и Blackfish не добија номинации за најдобар документарец– главниот фаворит Stories We Tell не доби номинација во оваа категорија. Вториот фаворит, Blackfish, исто така не беше номиниран. Од номинираните – 20 Feet from Stardom, The Act of Killing, Cute and the Boxer, Dirty Wars и The Square – најголеми шанси има The Act of Killing, потресниот документарец инспириран од вистинска приказна.

Објавено од admin на 17 January 2014, 13:11