Посетителите на Филм24.мк избраа – The Hobbit е најдобриот филм за 2012

Посетителите на Филм24.мк избраа – The Hobbit е најдобриот филм за 2012

Во наградна игра на нашата Facebook фан страна, која траеше повеќе од две недели, посетителите можеа да гласаат за нивниот омилен филм за 2012 година. Беа понудени седум филмски наслови: Argo, Django Unchained, Skyfall, The Amazing Spider-Man, The Avengers, The Dark Knight Rises и The Hobbit: An Unexpected Journey.

Победник и најдобар филм според посетителите на нашиот сајт за изминатата година е The Hobbit: An Unexpected Journey. Епската авантура на Питер Џексон, која воедно е и прв дел од нова трилогија, освои најмногу гласови (176). Филмот за патувањето на Билбо, Ганфалф и џуџината низ Средната Земја заработи над една милијарда долари низ кино салите во светот (еден од 15-те филмови на кои им успеало да ја достигнат оваа астрономска бројка).

Второто место, со 150 гласови, го освои одличниот шпагети-вестерн на Квентин Тарантино, Django Unchained. Филмот кој доби два Оскари (најдобро оригинално сценарио и најдобра споредна машка улога), воедно е и најгледаниот филм на Тарантино со заработка од 413 милиони долари на бокс офисот.

Skyfall, веројатно најдобриот филм за тајниот агент Џејмс Бонд, го освои третото место (126 гласови). Последниот филм за 007 доби одлични оценки од критиката и (како и The Hobbit) заработи над една милијарда во кино салите. Џон Логан моментално работи на сценариото за следната (24-та по ред) авантура за Бонд, додека Сем Мендес, режисерот на Skyfall, е сеуште во преговори повторно да седне во режисерското столче.

Добитникот на Оскар за најдобар филм Argo го освои четвртото место. Последното режисерско остварување на Бен Афлек, кое е базирано на вистинска приказна, освои 120 гласови, Филмот се случува во време на Иранската револуција, кога специјалист на ЦИА спрема ризичен план за ослободување на шест американски држвјани кои се засолнети во резиденцијата на канадскиот амбасадор. Најпознатиот филмски критичар Роџер Еберт го прогласи Argo за најдобар филм за 2012 година.

Последните три места (можеби неочекувано) ги освоија три адаптации на познати стрипови. The Dark Knight Rises, последното филмско остварување на Кристофер Нолан со кое ја заокружи неговата трилогија за Бетмен, го освои петтото место (92 гласа). Најгледаниот филм за 2012 и третиот најгледан филм на сите времиња, епскиот спектакл The Avengers, го освои шестото место (61 глас). На последно место се најде квази-римејкот за познатиот супер-херој Спајдермен, The Amazing Spider-Man (38 гласа).

Објавено од admin на 27 March 2013, 13:32