Alien Covenant

Alien Covenant

Речиси 5 години по Prometheus, Сер Ридли Скот ни го прикажа најновото дело од Alien франшизата насловено Alien Covenant. Измеѓу двата проекти Скот уживаше успеси со Оскаровскиот The Martian, но доживеа и бокс офис/критички утки со The Counselor и Exodus: Gods and Kings, а фановите на самата Alien франшиза се надеваа дека ќе го видат стариот и добар Ридли на дело. Alien Covenant можеби не е на ниво на Alien, класикот од 1979-та година, но е подобрување од претходникот во поглед на квалитетот.

covenant

А во Alien Covenant, вселенскиот брод Covenant е на колонизаторска мисија. Бродот со себе носи 2000 колонизатори кои се наоѓаат во длабок крио-сон се до Origae-6 планетата. Пред бурата која ќе ни снајде (во која ќе претрпат загуби) тие се на 7-годишно патување до дестинацијата. Сепак, по неочекуваното будење тие ќе добијат сигнал сигнал од поблиска планета, па капетанот Крис Орам (Били Крудуп) ќе одлучи да се обидат да ја колонизираат нејзе, а не подалечната планета за која треба уште многу пат. По пристигнувањето , не само што ќе го најдат не само осамениот андроид Дејвид (Мајкл Фасбендер), туку и многу пострашни нешта.

covenant2

Alien Covenant e вистински апгрејд од Скот во поглед на следбеникот на Prometheus. Иако не е ремек-делото кое го посакувавме, Covenant е солидното дело кое навистина не го очекувавме. И иако повторно ги носи непотребните грешки на својот грб како и Prometheus (екипаж кој прави непромислени и глупави чекори базирани на его и страв и умира како последица на тоа), додека го гледате Covenant, добивате чувство дека филмот е директен sequel на Alien, а не на Prometheus. Некако дури и самиот наслов тоа го наговестува, не само дејствието. И иако таму ќе најдете сличности со Passengers со Џенифер Лоренс и Крис Прат од минатата улога, Covenant во дејствието е всушност сместен 10 години по настаните од Prometheus.

covenant3

Првите 30-на минути на Covenant се тивка увертира на хоророт кој следи, но таму нема да бидете разочарани токму од тоа. Хоророт. Секако измеѓу нападите на Xenomorph и на останатите форми ќе најдете и малку поинаква закана од еден од човеколиките суштества, но таа закана е презентирана со многу чувства и финеси од сценаристите Џон Логан и Данте Харпер. Во моментите на тивко исчекување на агонијата, додека дел од екипажот е во „скривалиштето на Дејвид“, ќе ја најдете и конекцијата на самиот андорид со неговата понова верзија Волтер (двата ликови се глумени од Мајкл Фасбендер).

covenant4

Со доза на хомо-еротизам и изненадувачка желба за креирање, искажана од ликот на Дејвид, ќе ја најдете можеби една од најдобрите снимени сцени во целиот филм. Сцена која е толку смирена, тивка и изненадувачки емотивна, а која можеби најдобро го прикажува талентот на Скот во можеби најдобро режираниот филм (во подоцнежната кариера) во изминатите неколку години. Навидум делува како непотребна и речиси тривијална во филм кој може да понуди толку многу акција, сцената со свирењето на флејтата не е само одмор од ужасите кои ги видовме и кои следуваат. Таа е глатко презентирање на вистинскиот Франкеншајнов негативец во филмот и прозаично разоткривање на карактерите на двата андроиди за нас публиката.

covenant5

Мајкл Фасбендер како и во филмот Prometheus повторно на висина на задачата (овој пат во двојна улога), а изненадувачки од еклектичната актерска екипа се издвојува и Кетрин Вотерсон во улогата на Даниелс. Таа го започнува филмот како емотивна и „навидум“ ранлива вдовица која е втора во рангот на Covenant, но се префрла во вистинска хероина и лидер налик на Елен Рипли.

Радува фактот што сега религиозните убедувања кои ги има Орам се само нафрлани, а и не се инкорпорирани во самата суштина и целта за која тој и тимот се дојдени на самата планета. А кога сме веќе кај тимот таму суптилно ќе го најдете и првиот хомосексуален пар (за оваа франшиза) што е за поздравување. Вреди да се напомене дека за разлика од Prometheus, голем дел ликовите во Covenant не само што се емотивно и љубовно инволвирани, тие си веруваат, се однесуваат поприродно кога се заедно. Може да се каже дека подобро се познаваат, а и врската која ја делат е поинаква од самиот старт.

covenant6

Во Covenant меѓу другото ќе ја најдете музиката од Вагнер, поезијата од Перси Шели, но и сентименталното поврзување на два андориди преку тие нешта. Covenant е доказ дека Скот си ја направил домашната работа по Prometheus, и може да се каже дека транзит до следното уште поквалитетно филмско дело. Само треба да го почекаме.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 24 May 2017, 12:20