Carrie Pilby

Carrie Pilby

Бел Поули е името кое треба да го знаете, бидејќи уште од инди хитот The Diary of a Teenage Girl, младата англиска актерка си го тресира патот до успехот. The Diary of a Teenage Girl беше хитот кој ја стави на мапата, но овогодинешното деби на режисерката Сузан Џонсон е делото кое само го потврдува талентот на Поули пред камерата.

А, Поули во Carrie Pilby е токму таа. Кери Пилби. Осамена, богата девојка која воедно е и емоционално изолирана од светот околу неа. Една од ретките вербални комуникации кои не се „болни“ за гледање ги има со семејниот психијатар Др. Петров (Нејтан Лејн), а конфронтирачка комуникација главно преку телефон има со нејзиниот богат татко (Габриел Брн). Тој и обезбедил стан во Њујорк, работа во правна фирма и огромен фонд со кој таа ќе има финансиски сигурна иднина. Кери од друга страна е дете гениј. Се запишала на Харвард на 14 години, има коефициент на интелегенција од над 180 и чита по 17 книги во неделата. И покрај целиот интелект, знаење и пари едноставно не може да размени повеќе од 1 минута разговор со остатокот од луѓето без да ги иритира или дистанцира. Па затоа Петров ќе и даде неколку интересни задачи со цел да се вклопи, но и да ја искуси „едноставната страна“ на животот за која речиси и да не знае дека постои.

Поули е „ѕвездата“ Carrie Pilby, и актерката која успева да биде нишката не само во наративната прогресија, туку и во тонот на самиот филм. Секако, тоа е и во другата половина, заслуга на сценаристите Ден Крејг и Кара Холден, но „голем дел од товарот“  го носи Бел во оваа улога. Мило ми е што Carrie Pilby не паѓа во замката да го направи гениј/мизантроп до степен да го замразиме. Да таа е уникатна, да таа е интелектуално поткована и на моменти супериорна во однос на остатокот од лицата кои доаѓа во контакт на дневна база, но ќе беше неподнослива да беше повеќе арогантна отколку што ни е прикажано. Мило ми е што таа тенка линија не е пречекорена, иако воведната сцена (таа во која Кери со замрзната мисирка фуриозно влегува во ординацијата на Петров) ни го најавува тоа.

Но, мислам дека најголемата дистинкција која тука е направена (а и во повеќе наврати потенцирана) е што самиот лик повеќе се труди да се разбере себе си отколку тие околу него. Да, Кери е константно разочарана од човештвото и очекувањата на луѓето околу неа, но ако забележите, на моменти таа е толку запознаена со истите тие нешта, што единствено кое го оставила не-истражено е себе си. A работите кои веќе ги знае за себе си, толку ги поттиснала, што дури и пиењето на еден обичен сок не и претставува задоволство. Тоа може да се каже и дека е гардот кој го поставува во интеракцијата со луѓето околу неа. Хеј дури веднаш знае што луѓето ќе одговорат следно на фактот дека студирала на Харвард. „Кажи нешто паметно“ најчесто одговараат ако се прашувате.

И иако режијата е едноставна и флуидна за глатко да ја носи сторијата, сценариото од друга страна ни нуди флеш бек сцени со кое го гледаме и дел од минатото на Кери. Не само на нејзината сегашност. Таму на пример се и моментите на аферата со нејзиниот професор (Колин О’Донохју), а во сцените од сегашноста пак ја гледаме и конфузната конекција која ја има со нејзиниот татко (одличниот Габриел Брн), како и со психијатарот Др. Петров. Нејтан Лејн е апсолутно маестрален како воздржаниот, толерантен и загрижен семеен пријател/психијатар кој се грижи за оваа млада девојка. Оваа улога е доста по-суптилна од повеќето на кои навикнавме од Лејн, но како и секогаш тој е на висина на задачата.
Ванеса Бајер и Десмин Боргс даваат одличен комичен тајминг во споредните ликови, но тоа го прави фантастично и Бел Поули во насловната улога. Таа е шармантна, урнебесна и „флертува“ со широкиот спектар на емоции во речиси секоја сцена.

Морам да признаам дека најмногу од се Бел ни ја прикажува потребата за емоционално созревање на овој комплексен лик. А тоа нема да го пронајдете само во сценариото. Тоа барајте го претежно во перформансот на Бел во солидниот Carrie Pilby.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 3 May 2017, 10:06