Chappie, искрен и добронамерен. Забавен, но донекаде и неуредно склопен.

Chappie, искрен и добронамерен. Забавен, но донекаде и неуредно склопен.

Chappie е најновото режисерско и сценариско остварување на Нил Бломкамп, авторот на феноменалниот District 9, една од подобрите научно-фантастични приказни во поново време и веројатно една идна филмска класика.

Оригинаторно концепт артист, Нил важи за човек што учествува во создавањето на своите проекти, уште од самиот зачеток, од првата скица, па се до финалното едиторијално колажирање на производот спремен за филмското платно, притоа покажувајки тенденција истите да ги смести во еден автентично изграден заеднички свет, една негова можна алтернатива на иднината која следи, па според тоа секој критички осврт даден за неговите дела, неразделно е и критика кон него и неговата работа.

alien-image-2-12

Како огромен фан на District 9 и на научната фантастика генерално, бев особено заинтригиран да го видам епилогот на труд кој датира уште од најраните денови на Нил, што наговестуваше дека станува збор за филм кој ке биде работен строго од носталгично емотивни побуди имајки предвид дека, според Шарлто Копли, човекот зад Чапи, „дизајнот за Чапи датира уште од неговите рани средношколски денови, скица одраз на неговата љубов кон манга стилот и научната фантастика“. Впрочем и самиот Нил во повеќе наврати потенцираше дека неговиот нов филм е инспириран од манга светот на Мусамине Широ (илустратор на Ghost in the Shell и Appleseed) и дека приказната во Чапи ке следи робот налик Бриареос, неверојатно впечатлив карактер од Appleseed серијалот и корпорацијата која го произведува.

chappie_briareos

Па така, Chappie, започнува со неколку навидум документарни снимки кој ни прикажуваат алтернативна верзија на Јоханесбург во кој справувањето со криминалот станува сега полесно поради присуството на најнова генерација на дроиди, кои целосно го заменуваат човечкиот фактор во оваа сфера. Дроидите или Скаути, како што се наречени во овој филм се производ на Тетравил, корпорациски производствен магнат на оружје, благодарение на инвентивната генијалност на Деон Вилсон (Дев Пател од Slumdog Millionaire) програмер кој е вработен во оваа компанија и е воедно и задолжен за нивно оддржување.

102481057-devin-patel-chappie.530x298

Деон, се воведува во филмот низ интевју како херој на денешницата, лик чија пасија и негов нареден чекор е откривање на код, алгоритам кој нема да вроди вештачка интелегенција, туку напротив ќе генерира свест, со што од роботите би направил целосно самосвесни битија, способни за субјективно размислување, роботи со свое совест, личност и интуиција, што морам да признам дека  е доста свеж новитет во научно фантастичниот жанр (ако се исклучи постоењето на еден нискобуџетен, но доста добар научно фантастичен британски филм The Machine од 2013 година).

Напоредно со ова интевју низ снимките се прикажува и интервју со Винсет Мур (Хју Џекман), негов колега, чија претходна креација, масивен робот целосно контролиран од неуролошко умствени човечки мисли е ставен во сенка на новите хуманоидни дроиди . Во ова интервју тој децидно изјавува дека тоално се противи на таа цела идеја за давање на како што тој кажува „вештачка интелегенција“, на нешто што сосема добро може да биде управувано од „вистински“ луѓе.

422705-5435bd72-648d-11e4-9c0d-89afc213d2de

Оваа паралела на контрастни гледишта на потенцијалниот протагонистот и антагонистот во филмот е сосема неинвентивно мрзлив вовед на карактери, а со тоа и многу едноставна најава на тоа што би требало да биде иден заплет и конфронтална морална борба низ целиот наратив.

Но не е. Нил, иако во искрен обид оваа морална дилема да ја зачини со друга микро приказна прави погрешен едиторијален и сценариски избор и завршува со плитки заплети и нецелосно и недоволно добро изградени карактери без позадински приказни и оправдувања за нивните постапки низ течението на филмот.

Паралелно на главната приказна за Деон, кој е целосно посветен на она во што верува, своето слободно време го поминува работејки на кодот во својот потпросечен, пренатрупан и несреден дом и кој конечно го открива и презентира во канцеларијата на својот шеф Мишел Бредли (Сигурни Вивер), гледаме приказна за интелектуална еволутивна стагнација во ова општество на технолошки развој, темна, но, по кинематографски тон несоодветно експлицитно колоритно прикажана низ ликовите на Нинџа и Јоланди (јужно африканското рејв-рап дуо Die antwoord).

216329-dieantwoord

Како резултат, добиваме два неверојатно прости напоредни подзаплети, едниот, во кој Деон, своето ново откритие го презентира на толку симплифциран начин, што е просто неверојатно и нелогично за човек кој веќе има продадено слична идеја која резултирала со масивно производство и негова огромна популарност и репутација и која секако е децидно одбиено, и вториот каде Нинџа, Јоланди и нивниот партнер Америка, екстремно одбивно портретирани карактери, кои по пропадната криминална зделка мораат за седум дена да најдат одредена сума на пари и да ја вратат на својот „Шеф“.

Додека Деон прави морално дискутабилна одлука и продолжува со својата замисла крадејки еден од оштетените дроиди за да го инсталира новиот софтвер во него, Нинџа и Јоланди под притисок на времето и во интерес на приказната доаѓаат до заклучок дека треба да го киднапираат креаторот на дроидите и да го натераат да ги деактивира со цел да остварат една последна зделка. Така низ преплетот на овие две приказни доаѓаме до тоа што е можеби најсветлата точка на ова толку надежно, но сепак разочарувачко филмско остварување, “раѓањето” на првиот самосвесен робот Чапи во семејство чија цел е манипулативно да го инструментијализира за свои лични потреби.

thumbnail_20069

Сеуште незнам дали со намера или не, Чапи како робот е единствениот лик низ филмот, чии дејствија имаат логично мотивациско консеквентно позадинско хумано објаснување. Можеби сепак има некоја симболика која како гледач ја пропуштив.

Но тоа што е сосема јасно и нешто што е за пофалба, е ликот на Чапи, одлично актерски пренесен од страна на Шарлто Копли, кој со автентично и неверојатно оригинални детски телесни мимики оживува симпатичен карактер со специфичен јужно африкански дијалект, дете со напредна способност за учење и развивање на вештини и интелектуален капацитет кој допрва треба да се развие и тоа во “семејство” која претставува очигледна препрека.

Токму тука почнуваа да испливуваат проблемите на површина и филмот да завзема еден од гледачки и критички аспект лош правец. Наместо Чапи да добие простор да созрее како карактер, а со тоа да созрее и целата приказна, тој останува скоро низ целиот филм дете, условно детерминирано од туѓи влијанија и иако најдобро изграден лик е во неможност да биде протагонист и носител на дејствието. Напротив во еден момент од филмот кога Чапи е оставен сам на себе да се соочи со суровата реалност, наместо сценариски условно речено да биде пуштен слободно да го стори тоа и да почне да ја истражува околината и светот специјално

635611686719477501-XXX-CHAPPIE-MOV-jy-4648-

искреиран за него, да биде оставен во потрага на својата приказна, дејствието го враќа назад заробувајки го во еден микросвет на својот нуклеус, во неговото “семејство” и ако тоа било намерата, да се прикаже семејството како основна детермината врз индивидуалниот развиток на едно интелегентно битие и неговиот еволутивен потенцијал, тогаш резултатот на таа намера е тенденциозно наметната приказна водена од неверојатно плитки карактери кои не успеваат да остворат емпатична врска и портреирани од неописливо лоши актери (Нинџа, Јоланди), кои гледачот го ставаат во состојба да посака да избега од оваа бледа и транспарентно напишана приказна и да го понесе Chappie, изворедно искреираниот и презентиран карактер со себе, спасувајки го од сценариско продуцентската кал во која е заглавен.

Филмот, иако со искрени намери да прикаже индивидуален развој во дисфункционално, сурово и кинематографски сепак сосема солидно прикажано општество, сепак делува наведувачки со карактери кои пластично изградени, изгледаат како да се сценариско врзани за конец и само обични нструменти на заплетите во приказната.

Според мене може многу повеќе да се извлече од ликот на Винсен Мур, имајки ги предвид актерските способности на Хју Џекман, кој со времето кое му е дадено делува на обичен љубоморен насилник потиснат од туѓиот успех и на крај го прави точно она против кое толку цврсто се залага.

chappie13

Особен пропуст е малата временска инволвираност на Сигурни Вивер, чиј карактер во овој филм е едноставно „да“ и „не“ копче на заплетите во приказната, што оваа кастинг одлука и аквизиција на Сигурни Вивер делува на потсетник дека истата е сеуште жива, а со тоа и потенцијален партиципант во новото продолжение на Alien франшизата.

И покрај сите мани, и покрај тоа што филмот остава домен на куп деривативни идеи за кои не е оставено доволно време да спласнат и да го најдат своето место во реализација на нешто што можеше да биде многу многу подобар филм, и покрај тоа што за мене Chappie во сеќавање ке остане врежан како приказна за роботот изгубен во несредените лични импресии на својот креатор, сепак филмот е забавен за гледање на големо платно и сосема фино дво часовно искуство, има одлични акциони секвенци, и разви кај мене силна емпатија кон Чапи како карактер, за кого посакав само едно, да биде сместен во подобра приказна од прикажаната.

11024738_10205894044341367_3385782498634643370_n

Chappie, најискрено, ветува добра забава доколку се отиде од чисто забавни интенции на неговото гледање и јас уживав низ моментите додека траеше филмот.

Моментално се прикажува во киносалите на Cineplexx во Скопје, па нека оваа анализа само ви послужи како мотивација за да си ја испитате вашата љубопитност.

Во прилог е официјалниот трејлер за филмот:

Мартин Чалакоски

Објавено од Мартин Чалакоски на 11 March 2015, 10:35