Gifted

Gifted

Крис Еванс од 2011-та година па наваму го знаеме како Стив Роџерс/Captain America и еден дел од филмскиот универзум на Marvel. Затоа секој филм во кој актерот не носи костим на супер херој е особено важен за фановите, а тоа е случајот и со најновото дело на 35-годишниот актер.

Еванс во Gifted е Френк Адлер. Осамен механичар кој живее на југот на Флорида со неговата 7-годишна внука Мери (Мекена Грејс). Тој ќе ја запише во школо по годините поминати во „домашно образование“ но токму во школо, учителката Бони ќе открие дека Мери поседува интелект на ниво на гениј, со посебна дарба за напредна математика. Причината поради која Френк ја запишал внуката во јавно училиште е да се социјализира и да биде со деца на нејзина возраст, но таа одлука нема да и се допадне на Евелин Адлер (Линдзи Данкан), мајката на Френк и бабата на малиот гениј. Таа ќе го однесе синот дури на суд, само да не дозволи да пропадне нејзиниот талент.

gifted-2

Gifted е микс на емотивна мелодрама со примеси на комедија (претежно во репликите) и судска драма во дел од прогресијата на дејствието. Најголемата маана е што сака да биде позитивен во сите аспекти на темите кои ги начнува, но искрено тоа не штети премногу за да не можете да уживате во филмот. Да, секако филмот има сцени кои ќе направат да превртувате со очите, но во најголемиот дел во него доминира одличната хемија на Крис Еванс со малечката Мекена Грејс. Татковската врска која тој ја има кон девојчето е апсолутно прекрасна и задоволство да се гледа, а веднаш зад неа може да се напомене и хемијата со постарата колешка (и екс девојка) Џени Слејт.

gifted3

Сепак, Слејт во улогата на Бони (учителката на Мери) е премногу стереотипна и „зашеќерена“ а заедно со таа на Октавија Спенсер се криминално игнорирани (и потценети) во голем дел од филмот. Октавија повторно ни прикажува дел од интелегенцијата и талентот за комични улоги, а Џени е само делче од мозаикот на филмот кое никако да си го најде своето место во негералната слика. Нивната минутажа е смешна дури и за филм од калибарот на Gifted.  Хеј дури и нејзината романса со Френк не е доволно развиена, на сметка на многуте сцени во судницата.

А таму (но и надвор од неа) ќе ја најдете и фантастичната Линдзи Данкан. Ветранката на англиската глума е повторно маестрална како Евелин, ладната и заштитнички настроена баба на малечката Мери. Преку нејзиниот лик дознаваме и детали поврзани со мајката на Мери која си го одзела животот додека Мери била бебе. Таа била гениј/математичар многу близу до решавање на еден од најголемите математички проблеми, а преку ликот на Евелин ја сфаќаме и семејната трагедија од која до ден денешен Мери, Френк и самата таа ги чувствуваат последиците.

gifted44

Во една од главните теми (покрај достигнување на потенцијалот кај децата гении) е и социјалниот аспект на нивниот напреден ум. Мери можеби е напредна за нејзината ворзаст, но нема пријатели на нејзина возраст. Сценариото на Том Флин и режијата на Марк Веб глатко не носат на тенката линија на опасностите од славата која можеби ја очекува Мери, и анонимниот статус кој нејзиниот вујко го посакува за неа.

И за крај повторно одличен е Крис Еванс во една од најсмирените и емотивните улоги во кариерата. Не го гледаме често во мелодрами, но тука изненадувашки го вклучил „шармот до максимум“ и одлична е неговата интеракција со сите дами во филмот.. Дури и сцените со Евелин кои треба да прожектираат анимозитет се направени со многу шарм, грациозност и класа. Делумно тоа поради харизмата на актерот, а делумно поради меката страна на карактерот припишана од сценаристот Флин. Gifted е изненадувачки гледлив филм. Не е ремек делото од Good Will Hunting кошот, но е топол и пријатен филм кој и покрај доминантните клише моменти, има способност на моменти да изненади.

gifted3

С. Лазаревска

Објавено од admin на 31 May 2017, 11:33