Guardians of the Galaxy Vol. 2

Guardians of the Galaxy Vol. 2

Guardians of the Galaxy назад во 2014-та година беше изненадувачкиот хит на летото. Со одлични критики, нова фантастична и посветена фан база и заработка од над 700 милиони долари, очекувано беше и продолжението на филмот во режија на Џејмс Ган.

Guardians of the Galaxy Vol. 2 е соло проект на Ган во поглед на сценариото (првиот филм тој го напиша заедно со Никол Перлман), а во него „чуварите на Галаксијата“ предводени од Питер Квил (Крис Прат) по мисијата за која се најмени од галактичката раса Sovereign, ќе се најдат во бегство (поради глупоста која Rocket ќе ја направи). Додека бегаат од армијата на Kismet- врховната свештеничка на Sovereign (Елизабет Дебицки) ќе бидат изненадувачки спасени од Его (Курт Расел), биолошкиот татко на Питер и Мантис (Пом Клементиев), помошничката на Его. Неговата намера од почетокот ќе биде позитивна и алтруистичка, но подоцна Его ќе го прикаже „вистинското лице“ и вистинската мисија за контактот со својот син.

guardians-of-the-galaxy-2-ego

Причината поради која Guardians of the Galaxy Vol. 2 е навистина возбуливо и солидно парче на филмска уметност е што Џејмс Ган добро знае зошто го засакавме филмот од 2014-та година. Зошто се вљубивме во ликовите на Guardians of the Galaxy. Не во самата франшиза, не во самиот филм, или пак сторијата во него. Во самите ликови. Тие повторно се враќаат и во Vol. 2, но сега Ган во сценариото ги „расцепкал“ и оддалечил еден од друг. Физички и ментално. И фасцинантно е што токму во тие моменти на разделување и зближување на карактерите, во два наврати имаме можност да ја слушнеме The Chain- една од најдобрите песни на Fleetwood Mac, но и на саунтракот на овој филм. Симболиката на песната е толку слична со таа на самите ликови, и ако размислиме совршено се вклопува не само во билдањето на конекцијата на карактерите, туку и во наративната нишка на филмот.

Но, тука централното сиже е ставено во втор план, на сметка на развојот и длабочината на самите ликови од почеток до крај. Доминантни се темите на татковската фигура, сестринските врски, простувањето и искупувањето за постапките од минатото. Џејс Ган на двајца од споредните ликови од првиот дел Јонду Удонта (Мајкл Рукер) и на Небула (Карен Гилијан) им дал повеќе минутажа, но и длабочина во карактерите, а пријатно изненадување е ликот на Мантис (Пом Клементиеф) во Vol 2.

Од главните ликови не смее да се игнорира придонесот на Рокет и Питер Квил секако, а ниту и нивната тензична вербална комуникација која е „зашеќерена“ со многу хумор и сарказам“. Но, од „чуварите на Галаксијата“ сега доминираат Грут (Вин Дизел), Дрекс (Дејв Баутиста) и Гамора (Зои Салдана), а непотребно е присуството на Kismet (Елизабет Дебицки) но и на  Силвестер Сталоне во улогата на Stakar Ogord. Не смее да се игнорира и неискажаната сексуална тензија меѓу Квил и Гамора низ целиот филм, но и покрај тоа што има релаксиран тон и флуидност во развојот, средината на Guardians of the Galaxy Vol. 2 „пати“ од значителен пад на темпото. Таму ќе најдете и пад на вашето внимание, многу експозиција во наративната структура, но за среќа таму  филмот го има Курт Расел кој со природната харизма успева да го „поправи впечатокот“ колку што може. Расел е изненадувачки одличен како Его, и покрај тоа што неговиот лик барал многу повеќе работа од Ган за да се истакне. Сепак, токму природната харизма и шарм на актерот мислам дека биле пресудни за Ган да го ангажира, a интересна е и одлуката тој да биде компјутерски подмладен во воведната сцена (налик на Роберт Дауни Џуниор во Captain America Civil War или на Мајкл Даглас во Ant Man).

guardians-of-the-galaxy-33-ego

Визуалната презентација во секој аспект на Guardians of the Galaxy Vol. 2 е на висина на задачата, но тоа и се очекува од дело на Marvel. Тоа што фасцинира е подобрувањето на перформансите од Прат, Баутиста, Рукер и изненадувачки од Мајкл Рукер во вториот дел. Но најпријатно потсетување за нас фановите е самото „семејство“ кое тие без да знаат дека го оформиле. Има многу теми кои се дел од филмот, но „семејството“ и сите облици во кои е прикажано, е домнантната тема. Прави да се потсетиме заошто ги засакавме овие фантастични ликови и прави да се потсетиме и ние зошто тие се можеби најчудното семејство во филмскиот универзум на Marvel. Способни се да растат, да се подобруваат, да се зближуваат и да се променат на подобро. Со многу хумор и пцовки во процесот, но тоа е затоа што како и сите други семејства и тие се чудни на свој начин.

Guardians of the Galaxy Vol. 2 можеби сркшнува во повеќе насоки, и можеби на сите нив не им е дадено доволно време и простор за филмот да стигне до целта. Да бидеме реални второто продолжение на моменти е конфузно, а и саунтракот е за нијанса послаб од првиот дел.  Сепак, за среќа под-темите, хуморот и карактерите се тие кои ги „пополнуваат“ дупките во овој инаку забавен филм. Guardians of the Galaxy Vol. 2 вреди да се погледне.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 6 May 2017, 15:15