Inferno

Inferno

Хенкс во Inferno повторно е професорот Роберт Ленгдон, a ние уште во првите 5 минути го наоѓаме Ленгдон во болничка соба во Фиренца. Според докторката Селина Брукс (Фелисити Џонс) тој страда од амнезија предизвикана од куршум во пределот на главата.

inferno1

Но, кога ќе открие трага во „мапата на пеколот“ од Ботичели тој ќе ја открие и неговата следна мисија. Тој е вмешан во опасната мисија на милијардерот Бертранд Зобрист (Бен Фостер) да го „исчисти човештвото“ со неговиот вирус наречен „Инферно“ но, сепак… Лангдон ќе откри и кои се вистинските соработници на Зобрист, а одговорите ќе го изненандат.

inferno2

Како и во случајот со Jack Reacher: Never Go Back, уште едно филмско продолжение кое имаше премиера овој месец, и Inferno е непотребно, не инспиративно и предвидливо парче филмска лента. И како и во првиот случај дури ниту харизматичен, талентиран и допадлив актер не успева да го спаси од „пропаст“. Тоа во Inferno е Том Хенкс кој веќе по трет пат ја репризира улогата на Ленгдон и кој очигледно е еден од ретките луѓе инволвирани во правењето на филмот кој се труди да го направи поквалитетен. Искрено тоа е тежок товар на неговите рамења.

inferno6

Повторно тој ја нема потребната хемија со водечката актерка, бидејќи е одбрана погрешната актерка за оваа улога. Ликот на Селина Брукс бара актерка со способност да има широк распон на емоции и талент за двете крајности на оваа дволична улога, а тоа не можам да кажам дека го поседува Фелисити Џонс. Не е потребно да ја гледаме само способноста на актерката за физичкиот дел на глумата, ова е лик кој бара емоционално инвестирање во два различни аспекти и во два различни периоди од филмот. Ние едноставно не сме инвестирани во ликот кога Брукс ќе ја открие вистинската намера, а ниту крешендото на нејзината мисија не е доволно за да не импресионира. Опкружувањето во кое ќе се случи тоа (во Истанбул) да секако, но не и во самиот напор од Џонс во финишот на филмот.

inferno5

Не е изненадување дека Хенкс е повторно на вистина на задачата дури и во Inferno. Ова е улога која тој добро ја познава и која може да ја одигра и „во сон“, а и покрај немањето потпора од повеќе области на самиот филм. Хенкс навистина се труди да го даде максимумот, што е за поздравување. И искрено ако добро ги забележите перформансите од останатите актери ќе најдете микс на релативно не-експонирани актери и актерки (за холивудски стандарди) во споредните улоги. Сидсе Бебет Книдсен, Ана Улару, Омар Сај се само дел од нив, но речиси сите или се недоволно искористени или им се дадени недефинирани улоги. Една од тие е и улогата на Хери Симс, но за среќа во неа Рон Хауард го одбрал фантастичниот Ирфан Кан. Индискиот актер е суптилен, застрашувачки опасен кога треба и единствениот кој е речиси вреден да биде „спаринг партнер“ на Хенкс. Штета што неговата улога е спорадична и на моменти речиси запоставена од страна на сценаристот Дејвид Коеп. Но, такви се речиси сите споредби улоги, па не може да се каже дека тој е „единствената жртва“ на сценариото од Коеп. И кога сме на темата сценарио, навистина е штета што Коеп не ја начнал моралната дилема на негативецот (тука ги има повеќе), а дури и што не ја претставил вистинската опасност од самата идеја на Зобрист. Таа за вештачкото и присилно намалување на човековата популација. Вирусот како идеја за закана кон човештвото не е особено оригинална во филмовите во Холивуд, но со митолошките, античките и криптографските моменти во премисата можеа да делуваат свежи во Inferno. Тука само е едно делче од сложувалката, а Коеп се мачи да го најде местото каде што би припаѓало во „големата слика“ на самата таа сложувалка.

inferno4

Како и самиот филм во целина, така и Рон Хауард не импресионира премногу во режијата. Видлива е желбата на Хауард да внесе новитети и иновации во техниката, па затоа во неколку од сцените ќе видиме и снимки со дрон. Необичен избор за техника, а и премногу краток за да се воочи впечатокот на тие снимки врз филмот, но аплауз до Хауард што барем се обидел. Вистинска штета е што многу од делчињата кои би го направиле овој филм не функционираат заедно, а ниту одделно. Не е само режијата на Хауард, или прозаичното и не инспиративното сценарио од Коеп или конфузната монтажа од Ден Хенли и Том Елкинс. Не може ниту актерите да се обвинат за недостатокот од квалитет, интелегенција, тензија и вигор кои треба да ги има филмот. Сите тие комбинирани како да се само дел од поголемиот проблем. Немањето мотивација за креативно подобрување можеби? Или пак немањето храброст да се излезе од комфорната зона? Кој знае.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 31 October 2016, 11:27