King Arthur: Legend of the Sword

King Arthur: Legend of the Sword

Легендата за кралот Артур до сега беше раскажана во десетици филмови. Ентоан Фукуа ни го претстави King Arthur во 2004-та година, Шон Конери беше Артур во First Knight (1995), а Ричард Харис во Camelot од 1967-ма година.

Но, сега Гај Ричи се обиде да направи нов „спин“ на добро познатата приказна. Со „origin“ приказна во King Arthur: Legend of the Sword, неговото најново филмско дело. А во него Чарли Ханам е Артур- син на кралот Утер (Ерик Бана) и наследник на тронот. Но, кога Вортигерн (Џад Лоу) братот на Утер ќе направи куп во Англија, и ќе ја превземе власта, бебето Артур ќе заврши на улиците на Лондониум. Израснат од проститутки и крадци, Артур се додека не го земе мечот Ексалибур нема да ја дознае вистината за неговото потекло. Но, со новодобиената моќ, ќе пристигне и обврска да си го врати кралството кое му припаѓа, а во таа мисија ќе добие неочекувана помош екс генералот Бедивер (Џајмон Хунсоу), неименуваната магепсничка (Астрид Бергс Фризби) и пријателите од детството.

arthur

King Arthur: Legend of the Sword започна ветувачки. Со брзиот „како рафал“ хумористичен дијалог кој често го гледаме во филмовите на Ричи, одличните кореографии во сцените со борби, франтичната монтажа, но и динамичниот саундтрак, King Arthur: Legend of the Sword навидум звучи како да ќе понуди нешто ново. Нешто иновативно и возбудливо во веќе видената сторија. Но, тоа е само во првата половина од King Arthur: Legend of the Sword. Во првата половина има и употреба на хумор, што понатаму во филмот не ја гледаме премногу. Да тој хумор се користи како дистракција на тензичните и чудните моменти, но е добредојден во генералната мрачна атмосфера на филмот. Гледаме мистериозни и одвратни суштества, џиновски змии и мрачни сили, па секоја реплика со сарказам и хумор е навистина потребна. Но, тоа што во втората половина од премногу го има е „стил пред супстанца“ синдромот, и на моменти тој е толку очигледен што дел од сцените при крајот се задушени (и речиси упропастени) со CGI. „Стилот над супстанцата“ не дозволува прогресијата на ликовите да мрдне подалеку од нивната мисија, а голем дел од нив се толку запоставени, што во големи периоди од дејствието тие се дури заборавени дека постојат.

arthur2

И кога сме кај ликовите, преголем фокус е даден на Артур и неговиот злобен чичко што, од сите други фантастични ликови кои покажуваат потенцијал за многу повеќе, мал дел се искористени. Има толку многу одлични актери (Ејдан Гилен, Џајмон Хунсоу, Том Ву) што се само нафрлени во King Arthur: Legend of the Sword, без да им се даде доволно минутажа, и без да покажат што умеат во класичните ликови. Не смее да се заборави и младата Астрид Бергс Фризби која е единствената дама во тимот на Артур, но Ричи заедно со ко-сценаристите покрај „волшебничките моќи“ и неколку реплики со „бисери на мудроста“ не се потрудиле да и дадат ниту име, а уште помалку „длабочина“ на самиот лик. Има мали инклинации за афекциите кон неа од Артур, но набрзо тие се прекинати.

arthur3

Во втората половина пак ќе најдете премногу фелш бек сцени од убиството на родителите на Артур, кои непотребно се повторуваат и кои само го одоговлекуваат дејствието. Во самиот финиш е и финалната борба на Артур со неговиот чичко, но таму е и количеството на CGI во самите сцени кои ќе направи да добиете главоболка. Преголемата употреба на CGI прави да имате потешкотии во ценењето на инаку солидниот сет и костим дизајн во филмот, но тешко може да се издвои и глумата од актерите токму поради истата причина.
Секако на сите актери не им е дадена преголема шанса, но Џад Лоу во улогата на злобниот Вортигерн е тој што се издвојува во квалитетот. Глумата од Лоу е комплексна, со многу слоеви и морални дилеми, а Ханам во насловната улога е барем шармантен и забавен да се гледа.

king-arthur-legend-of-the-sword-movie-6

Што за жал не може да се каже за Вортигерн King Arthur: Legend of the Sword во целост. Ричи на моменти сјае во визуелното водење на сторијата, а на моменти е премногу мрзелив и премногу се „потпира“ на специјалните ефекти. Навистина штета, бидејќи новиот пристап во прикажувањето на оваа легенда ќе беше навистина одличен во рацете на Ричи.

King Arthur: Legend of the Sword е конфузно и на моменти разочарувачко дело од Гај Ричи кој покажуваше многу потенцијал.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 15 May 2017, 15:22