Kong: Skull Island

Kong: Skull Island

Kong: Skull Island е само вториот режисерски обид на Џордан Војгт Робертс. По нискобуџетниот/ независен The Kings of Summer од 2013-та, оваа година тој ни го претстави 185 милиони долари скапиот следбеник наречен Kong: Skull Island.

kong3

А во него Бил Ранда (Џон Гудман) и Хјустон Брукс (Кори Хокинс) ќе соберат тим предводен од поручникот Престон Пакард (Самуел Л. Џексон) за учество во експедиција на „Островот на черепите“. Островот е не-мапиран и видлив само од сателит, а мисијата е тајна и финансирана од владата на САД. На неа (меѓу другите) ќе се приклучи и екс војникот на британската авиација Џејмс Конрад (Том Хиделстон) и фото-репортретор/пацифитст Мејсон Вивер (Бри Ларсон), а Конг (кого ќе го пронајдат на островот) ќе биде најмалиот проблем за нив откако ќе пристигнат.

Kong: Skull Island во првата половина е доминиран од ликовите, а во втората од акцијата. Не мора да значи дека тоа е лош потег од тројцата сценаристи (Ден Гилрој, Макс Боренстајн и Дерек Коноли), но тука триото направило кардинална грешка да бидат селективни не само во претставувањето на тие ликови, туку и во нивното развивање. Што е навистина штета бидејќи за почеток во двајца од главните ликови Конрад и Вивер, филмот ги има Том Хиделстон и Бри Ларсон. Двајца од најталентираните и харизматичните актери на денешницата, а Ларсон дури е и Оскаровка.

Kong

Наместо да добијат ликови кои ќе ги запаметиме, двајцата се толку тривијални и безлични што добивате чувство дека речиси не ни постојат. Самуел Л. Џексон во улогата на Престон Пакард како е секогаш е апсолутно маестрален, но од големиот број на ликови кои пристигнуваат на островот, сите не добиваат еднаква „шанса да засјаат“ од сценариото. По нивното пристигнување, тие се дел од играта „кој следен ќе умре и како“, но дури и тие ретките моменти на емоционално зближување на ликовите додека се на островот (дали преку хумор или семејни приказни) не се комплетно претставени.

kong2

Сепак, колку и да сме цинични за тоа како се претставени ликовите не смее да се игнорира еден од нив. Делумно тоа се должи на неговата креација од сценаристите, а делумно од фантастичната глума од Џон С. Рајли во него. Ханк Марлоу. Екс војникот кој е дел од островот уште од Втората Светска војна и кого домороците го прифатиле како свој. Замислете си многу по-комична верзија на полковникот Курц (Марлон Брандо во Apocalypse Now), кога го замислувате Моролоу. И е маестрален се разбира. Тој е разумот и изворот на хумор во овој филм. Тој е можеби и единствениот лик кој ќе го засакате и запаметите по изглегувањето од кино салата да бидам искрена. Вистински тестамент за моќта на еден актер да остави свој печат дури и во минорна улога како оваа, а Џон С. Рајли се погрижува тој печат да остане подолго.

kong5

Фрагменти на инспирација во режијата на Војгт ќе пронајдете и во класиците како Platoon и Apocalypse Now, но не смее да се негира и одличниот саунтрак во кој доминираат The Stooges, David Bowie I Black Sabbath. И бидејќи 90% од дејствието се случува на Scull Island, таму ќе ја најдете и 90% од акцијата. Хеј Конг (ѕвездата на овој филм) дури ни е воведен во првите 5 минути, а потоа гледаме и како тој си ја брани својата територија од сите закани. Војгт преку режијата солидно ги инкорпорирал акционите сцени во сет дизајнот, а покрај малкуте разочарувачки сцени со CGI, изгледот на останатите чудовишта (и на Конг се разбира) е задоволителен (и застрашувачки) во најголемиот дел.

kong6

Сепак, треба да ги одредите очекувањата за тоа што очекувате од Kong: Skull Island уште пред да го погледнете. И покрај тоа што е сместен во 1973-та година- на средина на Вотергејт скандалот и кон крајот на војната во Виетнам, филмот речиси и да загребува под површината на се што е од политичка природа. Иако во филмот ни се претставени ликови од повеќе професии (професионални ловци, фото-репортери, геолози), многу малку од нив се инкорпорирани во сторијата за да имаат релевантен ефект. Иако филмот има потенцијал за емоционално зближување и запознавање на ликовите низ најужасните моменти – филмот многу малку го прави тоа. До самиот крај покрај Марлоу, ние не знаеме речиси ништо за останатите луѓе, а тој е еден од ретките кои има и финален приказ на неговата семејна приказна во end credits на филмот. Но, ако сакате филм кој ќе направи да се почуствувате како 5-годишно дете, навистина ќе уживате во Kong: Skull Island. Тоа е филмот за вас.

A51A0055.dng

Во најголемиот дел од  Kong: Skull Island ние гледаме безцелна мисија за преживување на група индивидуи, но не може да се негира дека акцијата (и нејзиното визуелно претставување) која ги следи тие индивидуи не надоместува за бесцелното талкање на нашето внимание. Се разбира, ако тоа е едно од очекувањата за кои зборувам.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 10 March 2017, 09:21