Logan

Logan

Месеци пред премиерата на Logan, Хју Џекман и Патрик Стјуарт јавно се збогуваа со ликовите кои ги портретираа низ изминатите 17 години, и објавија дека присуството во најновиот проект на Џејмс Менголд ќе биде последното и за двајцата. А како одлучија да се збогуваат со Логан и професорот Ексавиер? Па со најдобриот филм кој можеби е снимен од самата X-Men франшиза.

logan4

Сместен во 2029-та година, Логан (Хју Џекман) e само сенка од ликот кој го знаеме. Остарен алкохоличар кој не се регенерира како порано. Под алијасот Џејмс Хаулет тој работи како шофер на лимузини, а заедно со Калибан (Стивен Мерчант) се грижи за Чарлс Ексавиер (Патрик Стјуарт). Професорот X пак е сега сенилен 90-годишник, кој често има и напади кои не може да ги контролира и кои се закана за сите околу него. Но, кога еден ден Логан ќе добие задача да ја однесе малечката Лора (Дафни Кин) во „Еden“ на границата на С. Дакота со Канада, тој нема ни да знае во што се впушта со опасниот мутант-експеримент покрај себе. Таа е барана од Доналд Пирс (Бојд Холбрук) и злобниот Зандер Рајс (Ричард И. Грант) поради нејзината уникатност, и „Одисејата“ може да започне за Логан, Чарлс Ексавиер и Лора.

logan2

Силата на филм како Logan лежи во целовкупниот „пакет“, но, мислам дека најголемиот квалитет на ова дело лежи во способноста да ве воодушеви со едноставноста и способноста да изненади. Да објаснам. Ако сте ги гледале претходните Wolverine и X-Men филмови заборавете на нив. Не се важни сега. Да, дејствието е сместено во САД во 2029-та година, но нема ниту трошка од футуристичката визуелна стерилност која често ја гледаме во филмовите кои се сметени во иднината (па дури и во претходните X-Men филмови). Оваа иднина е оскудна, депресивна, темна, напуштена, соголена од секој вид на мутантска сила.

logan5

Logan не е SF филм. Logan е повеќе „road movie“ или современа и екстремно насилна верзија на модерен вестерн (ќе најдете траги од Shane во него). Многу побавен во развојот на дејствието, сега тој е достојно збогување со можеби најдобрите ликови во филмската уметност и предавање на штафетата на новата генерација. А според Лора, иднината во новата генерација е брутална и по малку несигурна, но фантастична. Само погледнете го ликот на Лора. Во две третини од дејствието таа е речиси нема, но кога ќе добие дијалог, малечкото девојче добива и доза на човечност, не само агресија и гнев на кои претходно навикнавме да ги гледаме од неа. Дафни Кин во улогата на Лора е можеби најдоброто откритие кај детските актерки по Мили Боби Браун од Stranger Things и ќе ја засакате уште во првиот кадар. Верувајте.

logan

Но, што е со самиот Логан? Па верувале или не Хју Џекман по 17 години поминати во истата улога, сега ни ја прикажа „лебедовата песна“ за овој лик. Глума која долго ќе се памети и која ќе се анализира во месеците кои доаѓаат. Херојот кој го паметиме како неуништлив и вечен, сега буквално се распаѓа пред начите очи. Патрик Стјуарт од друга страна е подеднакво фантастичен како и помладиот колега, но сега за прв пат по 17 години, двајцата заедно ќе ве остават со кнедла во грлото. Секако, Стјуарт е на висина на задачата, но, загрижува состојбата на неговиот лик во Logan. Да, има уште надеж и емпатија во Чарлс Ексавиер, но се друго е во дефицит. Најмоќниот мутант на планетата сега е сведен на осамен, кревок и сенилен старец кој ќе ве расплаче со самата појава, а да не зборувам и со неговата судбина. Барем тоа го направи врз 100-та души кои го погледнаа Logan во кино салата заедно со мене. Немаше сув пар на очи во последната третина од филмот, а виновникот за тоа барајте го кај сценаристите но и кај глумата од триото водечки актери.

logan6

Дали Logan е совршениот филм? Не. Се разбра дека не. Но, тој е најблиското што можеме да го очекуваме до совршенство од оваа франшиза. Одлично режиран од Џејмс Менголд, со минимални CGI ефекти и екстремно многу крв и насилство. Брилијантно одглумен (се разбира), но од другата страна и со два не-инспиративни негативци кои за среќа имаат екстра талентирани актери во нив. Доналд Пирс (одличниот Бојд Холбрук) судејќи според имиџот треба да биде застрашувачка појава (тетоважи, црна облека и метална рака) за жал не е најуверлив во намерата и покрај одличната глума. Недостаток кој може да се препише на триото сценаристи. Тоа можеби се должи на фактот што заедно Пирс со Зендер Рајс во најголемиот дел од дејствието играат „мачка и глушец“ игра со Логан, Ексавиер и Лора, но и поради фактот што се веднаш зад петиците на триото херои.  Можеби пострашен e X-24 (робот-клонот на Логан), но ова е момент во кој хероите сјаат. Не негативците.

Logan е филмот кој фановите го чекаа. Има многу крв, но во исто време многу душа, хумор и човечност покрај сите ужаси кои ќе ги видите. Не смее да се пропушти.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 4 March 2017, 01:42