Manchester by the sea

Manchester by the sea

Manchester by the sea, третото режисерско дело на фантастичниот Кенет Лонерган, веќе освои 6 Оскаровски номинации пред претстојната церемонија следниот месец во Лос Анџелес. Самиот Лонерган се закити со 2 од тие 6 номинации (за најдобро оригинално сценарио и најдобра режија), но да се обидеме подобро да го објасниме и самиот филм.

manchester-by-the-sea-review

Во Manchester by the sea,  Кејси Афлек е Ли Чендлер. Хаусмајстор кој живее осаменички живот во Квинси град во близина на Бостон. Кога еден ден ќе му јават дека неговиот брат Џо (Кајл Чендлер) е на смртна постела, тој ќе се обиде да дојде најбрзо што може и да се збогува со братот во родниот Манчестер, Месачусетс. За жал Ли ќе пристигне во болницата предоцна. Сепак, поголемо изненадување за Ли по враќањето во градот од кој што „избегал“ е што брат му во тестаментот го прогласил Ли за „легален старател“ на внукот Патрик (Лукас Хеџес). Тој има 16 години, и иако е бистар и популарен тинејџер, технички е малолетен  пред законот, па сега Ли ќе „мора“ да се врати во Манчестер за да се грижи за него. Сепак, ако мислеше дека подготовките за погребот ќе бидат тешки, Ли со враќањето ќе се соочи и со „демоните од минатото“ кои ќе станат уште потешки.

manchester2

Да се опише Manchester by the sea како ремек дело е преголем залак, но како „споро речиси ремек- дело“ е можеби соодветен опис. И мааните кои иако ќе ги истакнам подолу во текстот, (а кои очигледно ги има филмот) не го намалуваат квалитетот на овој одличен филм. Тие се еден вид на идиосинкразија во овој филм доминантно „обвиткан“ со тага, загуба и депресија. Но, не очекувајте во него да најдете грандиозни монолози, екстремно долги сцени или пак тешки психолошки анализи. Ова е повеќе студија на карактери од Лонерган во најтешките моменти на една личност. А центарот на целата тага е Ли, и тие моменти се повеќе. Во не-линеарното водење на сторијата гледаме и флеш бек сцени од животот на ликот пред само 7-8 години, а како што полека откриваме и пред семејната трагедија која тој ненамерно ја предизвикал. Повеќето од сцените во филмот се кратки и емотивни, а таму ќе најдете и фантастично водење на приказната преку ликовите и во стабилната и флуидна режија од Лонерган. Фасцинантно е колку не ја забележувате камерата на Лонерган, но прави да се чувствувате како екстра личност во собата во која се наоѓаат ликовите. Како и вие да сте дел од разговорот, како и вие да ги делите моментите низ кои ликовите поминуваат.

manchester

Низ екстремно тешките моменти (како на пример флеш бек сцените од пожарот во куќата на Ли и последователното објаснување за настаните во полициската станица) соодветно слушаме и екстремно тешка класична музика, но забележете го добро позиционирањето на камерата додека Ли е во полициската станица. Ефектот на камерата фиксирана високо над главата на Кејси Афлек е речиси генијален. Без додатни зборови но, визуелно на суптилен начин камерата укажува на вината која ликот ја чувствува, но и алудира на осудувањето кое секој од нас го има кон непромисленоста и постапките на самиот лик. Како ние да заземаме морален став преку неа. А колку е маестрален Кејси Афлек во улогата на Ли?

manchester3

Па, помладиот (и до сега во сенка на постариот брат Бен) Афлек ја дава можеби глумата на неговата кариера, и 100% го заслужува Оскарот следниот месец. Лукас Хеџес е подеднакво фантастичен како Патрик, но Мишел Вилијамс во улогата на Ренди (екс сопругата на Ли) и со лимитираното присуство е апсолутно брилијантна како и секогаш. Таа има околу 15 минути присуство пред камерата, но нејзиниот лик не само што е одлично обликуван, туку и одглумен.

Под-темите за „љубовниот“ и социјалниот живот на Патрик во дејствието се помалку непотребни, но како и во остатокот од филмот се доста реални. Комплетно непотребна е сторијата за новиот живот на Елис Чендлер (мајката на Патрик) со новиот сопруг. Но, како што реков тоа се мали недостатоци кои не штетат во целовкупната оценка за филмот.

Manchester by the sea е филм за справувањето со тагата. Филмот ги разбира и ги објаснува различните начини на кои луѓето тагуваат. Без разлика дали е тоа за време на напад на паника и тага пред фрижидерот или во себе без никој да забележи.

manchester5

Сепак, новинарот Мет Золер Сејз мислам дека најдобро го опиша Manchester By The Sea на социјалните мрежи „Тоа е вид на филм кој сакаш да го гледаш повторно со некој што не го гледал, за да можеш да се присетиш на чувството кое го имаше кога за прв пат го гледаше“. И мислам дека е во право.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 29 January 2017, 14:37