Pitch Perfect 2- искупувањето во Копенхаген

Pitch Perfect 2- искупувањето во Копенхаген

Pitch Perfect беше изненадувачкиот хит на 2012-та година. Со буџет од 17 милиони долари, заработи 115 милиони, а денес ужива култен статус кај Милениалната генерација. Фрагменти од првиот дел се дури од време на време омилена тема на носталгичниот Buzzfied портал, но сега, пристигна и второто продолжение.

Овој пат режијата ја презеде Елизабет Бенкс која воедно повторно ја репризира улогата на урнебесна акапела коментаторка Гејл, а со мали додатоци пред камерата, Pitch Perfect 2 започнува со скандал.

pitch2

„Дебелата“ Ејми (Ребел Вилсон) уште на стартот ќе доживее мала „незгода“ на сред перформансот на Бела групата пред Претседателот Обама. И поради инцидентот тие ќе станат мета за исмевање од целата американска јавност месеци и месеци потоа. Бела акапела групата ќе биде суспендирана од секаков вид на настапи, но сепак, шансата за „искупување“ и враќање, дамите ќе ја добијат со учеството на светскиот шампионат во Копенхаген. Ниту еден американски тим не победил до тогаш, а фаворитите се германскиот тим “Das Sound Machine” предводен од Питер Кремер (Флула Борг) и Комисар (Бригит Хјорт Соренсен). Патот до Копенхаген ќе биде трнлив за Бела – девојките но, сега ќе добијат и нов додаток во тимот. Емили Џанк (Хејли Стенсфилд), втора генерација на Бела членки во нејзиното семејство.

pitch3

Pitch Perfect 2 се држи на стаклени нозе. А искрено, тие „стаклени нозе“ се хуморот кој преку репликите од сценаристката Кеј Кенон го спасуваат второто продолжение. Хуморот Кенон не го дала на сите ликови рамномерно но, таму каде што била дарежлива, навистина направила да фукнционира. Џон (Џон Мајкл Хигис) и Гејл (Елизабет Бенкс) повторно се урнебесни, а особено маестрален е шовинистичкиот, расистички Џон со неговите реплики: „Ова се случува кога ќе пратиш девојка на колеџ“ или „ да ги поздравиме девојките кои се премногу грди за да бидат маржоретки“.

pitch5

Ексцентричноста на „Дебелата Ејми“ е за нијанса смирена од Кенон, но затоа пак од сите љубовни стории, сценаристиката посветила повеќе внимание на нејзината со врска со Бампер (Адам Девин) и тоа е за поздравување. Сепак, тоа што најмногу разочарува покрај бавното темпо е промената во ликот на Бека Мичел (Ана Кендрик). Стажанството во музичката компанија и конекцијата со нејзиниот неподнослив хипстерски шеф (Киган Мајкл Кеј) и одзема премногу од фокусот во акапела групата. Додатокот во актерската екипа е солиден со изборот на Хејли Стенфилд. Таа е екстра телентирана актерка која ја имаше дистинкцијата да биде номинирана за Оскар на возраст од само 14 години, но ликот на Емили Џанк е недоволно развиен и криминално потценет до степен на тривијална присутност во нашата меморија, не само во самиот филм.

pitch4

Од веќе познатите Бела девојки, замерка може да се даде на повторувањето на етничките (а во исто време реални) шеги кај ликот на Фло (Криси Фит). Еднаш, два пати, три пати се смешни. Повторувањето на истите шеги, но во различна форма стануваат навредливи, како што одминува дејствието. Кремер и Комисар, агресивните лидери на ривалската група “Das Sound Machine” се апсолутно генијални, но ќе се почуствувате измамени од одлуката на сценаристката да ги фаворизира Бела-девојките во финишот како што беше и случајот со водење на дејствието се до таму.

pitch1

Музиката е прилично солидна листа нови и постари дела, добро измиксани со нов „дух“, а особено ми се допаднаа миксовите во изведбите на самиот финиш во Копенхаген. Одлично финале за филмот од двата тима. Од Bella’s и “Das Sound Machine”. Како дебитантка во режијата Елизабет Бенкс ја води камерата прилично сигурно и без експериментирања. Од време на време во сцените кога сите Бела девојки се собрани во сцената, гледаме поделен екран и графичко мапирање кога девојките ќе пристигнат во Данска. Сепак, најголема помош Бенкс во режијата добила од одличната монтажа која генерално успева да и го подобри имиџот и техниката. Дури и да не убеди дека е солидна во режијата. Не создала продолжение подобро од претходникот, но доволно солидно за да го цените трудот.

С. Лазаревска

Објавено од admin .f24 на 8 June 2015, 07:43