Рецензија: Ex Machina

Рецензија: Ex Machina

Самосвест, имагинација, сексуалност, емпатија, манипулација. Карактеристики кои од нас прават нешто повеќе од само симулирана интелигенција и веќе напишана книга, а на навидум научно фантастичниот Ex Machina, првото режисерско остварување на досега инзвонредниот сценарист и текстописец Алекс Гарланд (The Beach, Sunshine, Never Let Me Go, 28 Days Later), му даваат повеќеслојна димензија правејки филм кој низ проблематиките на вештачката интелигенција всушност ја опипува и дисецира човековата природа. Слоевита приказна со визуелно феноменална презентација на речиси беспрекорно изработено сценарио. Речиси.

2015_ex_machina-wide

Низ три карактери, Кејлеб (Донал Глисон), Ева (Алиша Викандер) и Нејтан (Оскар Ајзак), Еx Machina и Алекс со своето сценарио на паметен, но, не претенциозен начин ни демонстрира три типа на реакции и човечко однесување. Реакции водени од разум, реакции водени од емоција и импулс и типични механички бихевиористички однесувања.

Филмот иако со класична три актна структура на сосема префинет начин ни ги воведува карактерите низ чие осознавање и развивање не вовлекува во заплетот кој секогаш е изразито детерминиран од постапките кои Кејлеб ги превзема низ течението на приказната, првиот карактер кој ни е прикажан низ самите воведните секвенци од филмот како програмер вработен во Blue Book, компанијата основана од страна на Нејтан. Низ моменти на негова радост и колегијални честитања, дознаваме дека е добитник во интерно организирана наградна игра, чија премија е една недела на имотот на ексцентричниот генијалец, Нејтан, што воедно е и негов истражувачки центар, со цел да се запознае со неговиот последен изум и обид за креирање на функционално механичко битие со развиена вештачка интелигенција. Неговата задача е да одреди колку таа е автентична.

ex_machina-wide

Програмер, инженер, многу часови самотија, огромен имот, експериментирање со механика и можност за експлоатација на женската природа. Секако дека „првиот“ самосвесен робот би бил жена.

Уште при првата средба на Калеб и Нејтан веднаш се наѕира она што е можеби и најдоброто од филмот, нивните интелигентни и научно филозовски издржани дијалози меѓу кои постои еден особено супстенцијален кој нуди научен новитет во оваа можеби и премногу обработувана тематика во светот на филмот, новина во поглед на перцепирањето, истражувањето и развитокот на вештачката интелегенција. Промена на фокусот од што мислиме, кон зашто го мислиме тоа што го мислиме, дискурс од дејствие кон каузалитетот за истото.

ex-machina-2014-003-nathan-proferring-caleb-globe

Тоа што овој филм го прави особено интересен е што низ нивните дијалози се запознаваме со суштината на Ева како евентуално свесно битие и потенцијален еволутивен напредок додаваат на тежина на нејзинот карактер кој со перфектни фацијални експресии е одлично пренесен од страна на Алиша Викандер, според мене идна актерска ѕвезда во најава, а со тоа и на тежина на дијалозите кои поставени повеќе како интервју ги има со Калеб. Интересно е како овој филм со тема испитување на нечија автентичност градуелно станува убедување за нечија автентичност. Тоа според мене е клучниот момент кој го дефинира ова визуелно маестрално „парче“ на филмска уметност.

Сценариски филмот нема ниту еден пропуст во своето течение, се се дознава во момент кога информацијата е најмногу потребна, карактерите се особено добро осмислени и изградени и делуваат и комуницираат реално во сооднос на своите позадински приказни, искуства и знаења. Особено сум ипресиониран од Оскар, неговиот карактер и начинот на кој го пренесе.

Ex-Machina

Единствена замерка, иако мала, ја имам во карактерот на Калеб, осмислен како емпатичен, грижлив и наивен, можеби последната трошка човечност во човештвото, на моменти делува, еххх, сценариски малку пренаивно во поглед на одлуките кои ги носи, оставајки домен на обична алатка за креирање заплет, што филмот го прави на моменти малку предвидлив. Од друга страна пак, паралелно постои и можноста истото да е генијално осмислен трик што од овој филм прави еден уникат со приказна без класичен протагонист и антагонист во неа, филм со четири ликови за кои што воопшто не сте сигурни, состојба која искомбинирана со одличната музика и аудио атмосфера, низ целиот филм создава мистичност и континуирана тензија. Ако кажав претходно три, згрешив. Четири се! Четвртиот е карактер чие откривање го оставам да биде ваша лична сатисфакција. Знам моја дефинитивно беше.

Некаде прочитав дека за креирање квалитетна приказна ти е потребен цврсто и детално изграден протагонист и негова против тежа, антагонист, многу подзаплети и еден куп карактери за кои што и баш не си сигурен. Алекс оваа дефиниција со своето ново целосно авторско дело Ex Machina ја носи на сосема нов стадиум создавајки сценарио пренесено низ карактери за кои во ниеден момент не сте сигурни. Карактери со тежина претешка за едноставно дефинирање и пакување, сместени во филм со позната тематика, но со сосема поинаков пристап на обработка.

Режисерско одлично деби за Алекс Гарланд и ако нешто јас би променил, тоа би било постпродукциско едиторијално сечење на првите 2 и последните две минути од филмот, кои според мене се апсолутно непотребни и само ја ублажуваат мистичноста која без нив би била уште повеќе нагласена. Тоа на страна, Ex Machina е скоро перфектен.

Дефинитивно ви препорачувам да го погледнете.

Мартин Чалакоски

Објавено од Мартин Чалакоски на 4 June 2015, 07:38