The Boss Baby

The Boss Baby

Алек Болдвин оваа година одбележува „мал јубилеј“. Точно 30 години од своето вистинско деби на филмското платно. Да, тој кариерата ја започна на „малите екрани“ во раните 80-те, продолжи со неколку ТВ филмови, но своето деби во игран филм Болдвин го имаше во Forever, Lulu комедијата од 1987-ма година.

По богатата и плодна кариера во 90-те, номинацијата за Оскар, разводот од колешката Ким Бејсингер, последователните контроверзии, успехот со 30 Rock и сега со SNL, Болдвин во изминатиот период има „мала ренесанса“ во кариерата. Оваа година тој ни го претстави најновото дело- The Boss Baby, а во него е токму тоа. Гласот на The Boss Baby/Теодор Темпелтон.

baby4

The Boss Baby ќе пристигне во семејството Темпелтон и ќе го наруши идиличното детство на 7-годишниот Тим (Мајлс Кристофер Бакши). Малечкиот Тим се до пристигнувањето на братчето е обожаван од родителите (гласовите на Џими Кимел и Лиса Кудроу), и веднаш по пристигнувањето тој во бебенцето ќе гледа како на „закана“ за вниманието и љубовта од родителите. Но, анимозитетот кон бебето ќе се зголеми и кога ќе дознае дека тоа не само што зборува и размислува како возрасен, има и многу „возрасна мисија“.

baby5

Болдвин е без дилема ѕвездата на The Boss Baby, но заедно со Мајлс Кристофер Бакши прават филмот да биде шоу од двајца ликови. И покрај тоа што во споредните ликови има гласови од одлични актери (Лиса Кудроу и Стив Бушеми се одлични), сите освен Тим и бебето се оттргнати на маргините од страна на сценаристите. Често гледаме и перспектива на настаните од очите на родителите, но повторно сторијата во најголемиот дел е водена преку акцијата, репликите и постапките на двата главни ликови.

baby3

Сепак, колку и да е тепото во сторијата на моменти бавно и конфузно, Болдвин, а и ретро визеуелниот дизајн на самиот филм се навистина двете нешта кои го спасуваат овој инаку просечен филм од целосен заборав. Во поглед на креирањето на The Boss Baby, јасни се инспирациите од Look Who’s Talking (па дури и од Family Guy) на тимот предводен од режисерот Тим Меграт. Но, најголемиот дел од „возрасниот хумор“ кој возрасните над 18 години ќе го разберат доаѓа примарно од репликите, а хуморот за деца (кој примарно децата ќе го засакаат) доаѓа од физичката комедија на ликовите.

-Тоа е мојата „специјална“ песна. Моите родители ја напишаа само за мене вели 7-годишниот Тим на The Boss Baby.
-Твоите родители се Ленон и Мекарти? прашува The Boss Baby?

baby

Не може да не се напомене и визуелниот ретро стил (кој прави филмот да изгледа како дело од 90-те) не е само во анимацијата на The Boss Baby, туку и во животот на самите ликови. Тој е во самиот карактер но, и во опкружувањето на 7-годишниот Тим. Дете кое мора да се држи до бујната имагинација со цел да се забавува себе си, е речиси нечуено во секојдневието на денешните деца опседнати со видео игри, компјутери и телевизија. Но, единствено очекував трансформацијата на односот меѓу Тим и The Boss Baby (па и тој на родителите во под-темата на филмот) повеќе да биде фокусиран на нивното зближување, на откривањето на љубовта и вниманието од родителите, и на значењето на врската меѓу браќата во тоа семејство.

boss-baby-dreamworks-alec-baldwin

Да, и тие нешта се начнати но, премногу малку за да остават емоционален печат во овој филм. Во најголемиот дел сценаристите се фокусирале на мисијата на The Boss Baby за која е дојден, што е навистина штета бидејќи со времетраење од 98 минути, имале навистина доволно време за тоа.

Болдвин е апсолутно маестрален во The Boss Baby, и единствениот од актерите кој го спасува овој филм од медиокритет. Има свои моменти на хумор и оригиналност, но во најголемиот дел од The Boss Baby, не нуди премногу материјал по тоа што би се издвоил во квалитетот.

С. Лазаревска

Објавено од admin на 24 April 2017, 18:01