Tomorrowland: во потрага по подобро утре

Tomorrowland: во потрага по подобро утре

Двојниот оскаровец, Бред Бирд по пауза од 4 години повторно застана зад камерата. По Mission Impossible: Ghost Protocol, „Волт Дизни на модерната ера“ како што го нарекуваат, вo 2015-та на фановите им го претстави Tomorrowland.

Кејси Њутон (Брит Робертсон) во Tomorrowland е интелегентна средношколка од Флорида која не може да се помири со фактот што НАСА платформата за лансирање во Флорида каде што работи нејзиниот татко Еди (Тим Мегроу) ќе биде урната, а тој ќе остане без работа. И токму таа упорност да ја зачува ќе ја однесе најпрво во притвор, а подоцна со значката од Агата (Рафи Касиди) и до Tomorrowland, мистичната земја на просперитет и иновација. Но, посетатата првиот пат ќе биде кратка за Кејси, па затоа патот ќе ја однесе до Френк Вокер. Иноватор и екс пријател на Агата кој бил депортиран од Tomorrowland поради тоа што изгубил надеж за градењето на подобра иднина. Па затоа двајцата ќе формираат необично партнерство и ќе се обидат да ја донесат надежта од Тomorrowland на Земјата и да го спасат човештвото.

George-Clooney

Веднаш што „паѓа во очи“ кога го гледате Tomorrowland е визуелната чистота на естетиката и креативноста во беспрекорната и имагинативната режија од Бирд. Тој дури успева и претенциозното и на моменти премногу конфузното сценарио од Дејмон Линделоф да го упрости за гледачот преку визуелниот приказ на неговиот талент. А кога сме кај сценариото на Линделоф, јасна е пораката која сака да ја испрати филмот. Уште во првите 5 минути. Надежта. Оптимизмот. Потребата од нив и потрагата по нив која не треба да згасне. Тој дури и од време на време ни прикажува што се случува кога ќе запре, а исходот од тоа не е пријатен.

Hugh-Laurie

Агендата на Линделоф во предолгиот и прекомплициран развој на дејствието ни е повторувана и повторувана се до последните секунди на филмот, па добивате чувство како сценаристот да ги проповеда и натура своите идеи, отколку да ги презентира. А во последната третина од филмот, нештата стануваат најконфузни, бидејќи таму не само што е финалната битка на „доброто и злото“, таму најмногу ни е претставен и ликот на Дејвид Никс (Хју Лори) лидерот на Томороуленд. И тоа е се. Само ни е претставен. Тој не е дефиниран. Маневрира меѓу тенката линија на херој и негативец. Тој не е длабок лик, ниту пак поседува слоеви во неговиот карактер кои би го издвоиле по квалитетот, а не само по титулата. За среќа еден лик во Tomorrowland успева да го направи. Малечката Атина (Рафи Касиди) е апсолутно прекрасна и го „краде“ шоуто од сите останати ликови. Самата Касиди успева да го засени дури и Клуни на моменти и нивната динамика е одлична се до последната заедничка сцена. Факт кој се должи на самите таленти на актерите, не толку на сценариото од Линделоф.

athena

Но, колку и да потфрлил во генералната прогресија на сценариото, Лиделоф успеал прогресијата на еден лик да ја направи како што треба. Таа на Френк (Џорџ Клуни). Од мизантроп и циник при првото појавување, тој успева да го претвори во херојот на филмот. А и заштитничкиот однос кон Кејси и Атина е навистина добро претставен, без разлика што Кејси на моменти знае да биде премногу напорна за следење благодарение на паничните испади и тврдоглавоста.

Најголемиот проблем на Tomorrowland не е визуелниот приказ. Туку самата срж. Често низ филмот се провејува и метафората: „Ако имаш двајца волци кои се борат. Едниот ја претставува темнината и очајот, а другиот светлината и надежта. Кој ќе преживее? Тој што ќе го нахраниш.

Tomorrowland

Tomorrowland е филм хранет со интелект и оптимизам, како и самите ликови но, до самиот крај тој се претвора во интелектуален хаос, и станува жртва на својот интелект. Да филмот е забавен поради визуелното водење од Бред Бирд и одличните специјални ефекти, но под тоа е комплексен до степен на конфузија. И иако е рекламиран како семеен филм од Disney, токму поради комплексноста, нема да може да го разберат тие за кого е наменет. Но, за сите останати ќе донесе 130 минути солидно поминато време.

С. Лазаревска

Објавено од admin .f24 на 26 May 2015, 08:42