Забранетата романса во едно друго време

Забранетата романса во едно друго време

Carol е втората соработка на двојната Оскаровка Кејт Бланшет со режисерот Тод Хејнс по I’m Not There од 2007-ма година, а и втората улога на Кејт во филмска адаптација на новела од Патриша Хајсмит. По таа во The Talented Mr. Ripley. Но, Carol е повеќе нешта во едно.

За да го објасниме, да почнеме со самата премиса. Годината е 1952-ра. Терез Белавет (Руни Мара) е срамежлива, интровертна и репресирана девојка.

carol2

Живее незадоволен живот „на половина“ и како низ магла минува низ него. Нејзиното момче Ричард (Џејк Лејси) ја притиска за брак, а таа работи како продавачка на кукли за деца во стоковна куќа во Менхетен. Сепак, нејзиниот живот ќе се промени кога како клиентка на нејзиниот штанд ќе пристигне Керол Ејрд. Гламурозна и прекрасна дама која е во средина на замрсен развод од сопругот Харџ (Кајл Чендлер). За да избега од се барем на момент, Керол ќе ја покани Терез на патување. На запад, само ќе објасни таа. А таму двете не само што ќе се поврзат интимно, тие и ќе се пронајдат интимно.

carol-2015

Ако се навратиме наназад во кариерата на режисерот Хејнс, ќе сфатиме дека Carol не е единствениот филм кој ја третира хомосексуалноста и како таа е перцепирана не само во семејството, туку и во општеството. Far From Heaven ја третираше истата тема, но од страна на машкиот лик, а траги од истото можеме да видиме дури и во Safe, деби-филмот на Хејнс од 1991-ва година. Но, Carol не само што е носен на „крилата“ на одличните актери (пред се од Бланшет и Мара), тој е еден од стилски и визуелно најделикатните филмови кои ќе ги погледнете.

carol3

Но, како никогаш до сега тие два дела, супстанцата и стилот толку добро во Carol се комплиментираат што едноставно ќе ве заболи главата од убавина. Дури до најситните детали. Начинот на кој Керол и Терез ги пијат мартини коктелите, но и самите гестови со кои комуницираат додека јадат во ресторан. Тие се апсолутно маестрални. Бланшет и Мара го довеле инуендото до перфекција во Carol. На моменти вие како гледач можете и да го исклучите звукот и од нивните погледи и гестови (кои се прекрасен микс на минимализам и театралност) ќе можете делумно да го сфатите разговорот на ликовите.

carol1

Но, забележете дека, како што сугерира самиот наслов, Керол е централниот лик во филмот. Буквално секој друг лик во филмот, формира конекција (или веќе претходно има) конекција со неа. Сепак, сценаристката Филис Најги, тука убаво се потрудила да ја погледнете драматичната еволуција примарно во ликот на Терез, а не во Керол. Паметен потег, ако подобро ги анализираме двата лика. Терез во Керол гледа живот кој не сака да го има за 5-10 години, бидејќи колку и да е нејзиниот мизерен и тривијален, на Керол е уште полош. Терез е и помладата од дамите. И што е најтрагично, поради ерата во која е сместено дејствието (раните 50-ти) на хомосексуалната ориентација не само што се гледало како на криминален акт, туку и на болест. Па затоа во еден аспект можете да ги забележите и правно-социјалните реперкусии од ориентацијата. На пример, сопругот на Керол се обидува да добие целосно старателство врз нивната ќерка откако ја открил аферата на Керол со Аби (Сара Поулсон). И никој, па дури ниту нејзиниот адвокат, е подготвен да и помогне.

carol5

-Ние се разведуваме, вели Керол во една од сцените.
–Жал ми е, веднаш одговара Терез.
-Нека не ти биде, ладно возвраќа Керол.

Хејнс воден од маестралната кинематографија на Едвард Лахман, костимографката Сенди Поувел и продукцискиот дизајнер Џуди Бекер едноставно си играле со боите во најпрекрасната палета. Забележете како на почетокот Терез е таа која на себе носи облека доминантно во црно, сиво, индиго или темно зелено. Земјени и потемни тонови кои едноставно го прикажуваат нејзиниот репресиран карактер, но и животот без никаква цел или иднина. Керол на почетокот е гламурозната дама во огнено црвени фустани, бунди од минк и прекрасни брошови. Но, како што Терес полека добива фокус, независност, боите оживуваат и на неа, не само на нејзиниот карактер.

carol4

Carol можеби има недостиг на силно наративно сиже, но дефинитивно ќе најдете силни и брилијантни ликови во изобилие. Сериозно, дури и споредните се одлични и ќе ви останат врежани во сеќавањата по гледањето. Но, најмногу од се можеби ќе го паметите по брилијантната глума од Бланшет и Мара. Со речиси аристократски став, софистицирана дикција и снижен тон за неколку октави, Бланшет уште еднаш докажува зошто е класа пред речиси сите во Холивуд и малку актерки имаат талент, грациозност да и се спротивстават. Но, Руни е пријатното изненадување. Ако се навратиме, наназад и на дел од нејзините перформанси ќе сфатиме зошто таа може да одглуми толку деликатен лик, но со толку голема емоционална стамина. Перформансот на Мара во Carol е можеби најдобриот од тој во The Girl With A Dragon Tattoo, и ги заслужува сите награди кои ќе ги добие.

Carol во себе има доза на носталгија. За филмовите какви што не гледаме често од Холивуд. Какви што знаеме дека само мал дел на режисери можат да ни ги прикажат. Убаво е да се знае дека постојат. И режисерите, и филмовите.

С. Лазаревска

Објавено од admin .f24 на 1 February 2016, 15:59