Going Clear: страв, презир и параноја во Холивуд

Going Clear: страв, презир и параноја во Холивуд

Кога го гледав Going Clear, последниот документарец на Алекс Гибни, едноставно не може да не се навратам во главата на една сцена од Тhe Master, филмот на Пол Томас Андерсон. Ланкстер Дод (Филип Сејмур Хофман) е на собир меѓу „верниците“ и еден од нив со ново и ново прашање го нервира Дод до степен на фрустрација. Личноста која го прашуваше подоцна ќе доживее лоша судбина, но токму тоа е поентата. Во ликот на Дод го гледаме речиси секој лидер на култ. Тој бара слепа верба, послушност, преданост и што помалку прашања. Во Going Clear: Scientology and the Prison of Belief, Гибни ни ја прикажува вистината за култот наречен Скиентологија, верниците и нејзиниот лидер Дејвид Москавиџ.

going-clear3

За појдовна точка Гибни ја има истоимената книга од Лоренс Рајт, новинарот и писател добитник на Пулицаерова награда, а самиот Оскаровец Гибни ја проширил работата на Рајт со интервјуа со славните (и не толку славните) дефектори од Скиентологијата. Пол Хагис и Џејсон Беги се најславните од Холивуд во екипата на Гибни, но филмот третира и анонимуси кои по децении поминати во Скиентологијата си заминале од неа.

И токму тоа ни е ставено до знаење. Разликата. Холивудските Скиентолози како Џон Траволта, Том Круз па и Пол Хагис добиле многу поинаков третман од „рајата“ и нивните стории од периодот во Скиентолгијата се многу поинакви. Според интервјуата во Going Clear, „славните“ во овој култ се третирани како богови, а „рајата“ како робови. Што е и до некаде логично. Том Круз е совршениот портпарол за јавноста, а да не заборавам и еден од главните финансиери, додека пак „рајата“ е на Sea Org или во изолираните „комуни“ – вид на концентрационен логори. Таму се „рмба“ за 50 долари неделно и се спие на душеци полни со лебарки. Од самите интервјуа дознаваме за почетоците не само на самиот култ, не само на основачот Рон Л. Хабард, не само за верувањата и обичаите, туку и зошто луѓето одбрале да бидат дел од неа. Секој има лична причина. Без разлика дали се љубовни проблеми, можност за унапредување на професионално ниво, чувство на припаѓање, но, изненадувачки кај мнозинството од интервјуираните главна причина е желбата да придонесат. Да бидат од корист. Човечно нели? За жал тоа што добиле во Скиентологијата за возврат е се освен човечност.

scientology

Гибни бил доста темелен во истрагата при создавањето на документарецот, нарацијата, како и прашањата до лицата инволвирани во филмот, се негови. Користени се архивски снимки, фотографии, документи од полициски извештаи, и видео клипови од самата Скиентологија, а убаво е објаснета (на прост начин) и самата пракса во Скиентологијата, од почетоците, па се до сега. Не само структурата на самиот култ, туку и на самите принципи и обичаи кои таа ги има. Добар дел од документарецот е посветен на борбата на Скиентологијата да биде прогласена за религија во САД. Притисокот на самиот култ од страна на Москавиџ (лидерот) до даночните служби бил толку голем, што изненадувачки попуштиле и им дале статус на религија што значи дека тие повеќе од 20 години не плаќаат даноци. Огромни суми на пари кои треба да ги дадат на државата сега се влеваат во касата на култот, а објаснето е и на што ги троши култот тие пари.
Како што дознавме зошто личностите влегле во Скиентологијата, секој од нив споделува и што го натерало да излезе од неа. И повторно причините се различни, но тука станува мачно за гледање. Бидејќи со самото бегство од Скиентологијата тие станале „непријателот“. Поточно OP (oppressive person) и секој контакт со Скиентолозите за нив е забранет. Мајки не смеат да контактираат со синовите, со пријателите, со остатокот од семејството. Жално и страшно во исто време морам да признаам.

Очекувано документарниот филм на Гибни е едностран. Под тоа мислам, инволвирани во правењето биле личности кои биле Скиентолози, т.е. личности кои си заминале од култот. Лица кои се се’уште во Скиентологијата не се интервјуирани.

Going-Clear4

Гибни имал минимален пристап во продукцијата. Личностите седат и се снимани од повеќе агли, но ќе се осврнам на неколку пропусти кои ги направил во овој инаку одличен филм. Во премногу голем дел се осврнал на славните Скиентолози (а премалку на обичниот народ), но и од славните не се третирани сите. Претежно фокусот е ставен на најпознатите двајца (Траволта и Круз), а постојат толку многу други. Но, се на се, Clear: Scientology and the Prison of Belief е еден од најдобрите проекти во кариерата на Гибни. Можеби веднаш зад We Steal Secrets: The Story of WikiLeaks, Mea Maxima Culpa: Silence in the House of God. Со нетрпение го очекувам Steve Jobs: The Man in the Machine, неговиот следбеник.

С. Лазаревска

Објавено од admin .f24 на 11 April 2015, 09:09